Јокиќ се израмни со Леброн, Дончиќ на стартот од сезоната има просек од речиси 40 поени (Видео)

Ѕвездата на шампионот Денвер нагетс, Никола Јокиќ, го оствари вториот трипл-дабл сезонава и го предводеше својот тим до четвртата победа во новата сезона.

Денвер со 110:102 ја совлада Јута џез, а Јокиќ мечот го заврши со 27 поени, 11 асистенции и 10 скока.

Ова беше вкупно 107-ми трипл-дабл во кариерата за Јокиќ, со што се израмни со Леброн Џејмс на вечната листа.

„Тоа зборува за неговата големина, тој од вечер во вечер игра на екстремно високо ниво. Ако во нешто можат да се споредуваат Леброн и Јокиќ, тогаш тоа е нивниот талент сите околу нив да ги прават подобри“, изјави Мајк Мелоун, тренерот на Денвер нагетс, кој на стартот има перфектен скор 4-0.

Одлична партија одигра и Џамал Мареј со 18 поени и 14 асистенции, а Арон Гордон даде 21 поен. Кај Јута се истакнаа Лаури Марканен со 27 поени и 14 скока и Вокер Кеслер со 22 поени и 12 скока.

На стартот од сезоната одлично игра и Лука Дончиќ. Далас, кој заедно со Денвер се единствените екипи од Западната конференција без пораз, утринава со 125:110 го совлада Мемфис гризлис. Дончиќ одигра фантастично и со 35 поени, 12 скока и 12 асистенции дојде до 58-миот трипл-дабл во кариерата. Дончиќ во првите три меча сезонава постигна 117 поени, односно 39 поени по меч.

Шутерски расположен беше и Стеф Кари, кој со 42 поени го предводеше Голден стејт вориорс до триумф од 130:102 над Њу Орлеанс пеликанс.

Резултати:
Шарлот – Бруклин 121:133, Индијана – Чикаго 105:112, Атланта – Минесота 127:113, Торонто – Портланд 91:99, Мемфис – Далас 110:125, Милвоки- Мајами 122:114, Њу Орлеанс – Голден Стејт 102:130, Оклахома сити – Детроит 124:112, Денвер – Јута 110:102, ЛА лејкерс – Орландо 106:103.

- Оглас -

Најнови вести