Денвер нагетс во дербито на вечерта славеше против Бостон селтикс со 115:109 и ја потврди одличната форма во која се наоѓа.
Ова воедно претставуваше дуел меѓу актуелниот шампион Денвер и најдобриот тим во НБА-лигата (48-14).
На паркетот во „Бол арената“ доминираше Никола Јокиќ со 32 поени, 12 скока и 11 асистенции. Ова е негов 20-то трипл-дабл во сезоната, а 125-ти во регуларниот дел од сезоната и дојде на само 13 од Меџик Џонсон кој е трет на вечната листа со вакви постигнувања во кариерата.
„Него не можете да го чувате“, рече легендарниот центар Шекил О’Нил.
На спротивната страна, Џејлен Браун даде 41 поен и имаше 14 скока.
Бостон имаше негатива од 12 поени на стартот од последната четвртина, во финишот дојде до минус два, но тогаш промаши Џејсон Тејтум, а Денвер со четири поени по ред ги реши дилемите околу победникот.
Трипл-дабл со кој го предводеше Далас до победата оствари и Лука Дончиќ во дуелот со Мајами. Дончиќ со 35 поени и по 11 скока и 11 асистенции беше најзаслужен за победата на неговиот Далас од 114:108 над Мајами хит.
Резултати: Детроит – Бруклин 118:112, Индијана – Минесота 111:113, Далас – Мајами 114:108, Феникс – Торонто 120:113, Денвер – Бостон 115:109, Голден Стејт – Чикаго 122:125, Сакраменто – Сан Антонио 131:129.