Денвер нагетс славеше на свој терен против Лос Анџелес лејкерс со 120:113 во најатрактивниот меч што се играше ноќеска во НБА-лигата. Со оваа победа Денвер сега има 39 победи и 24 порази, па ја задржа предноста над Лејкерс, кој е со биланс од 37 победи и 25 порази.
Никола Јокиќ со трипл-дабл беше предводник на Денвер. Српскиот центар заврши со 28 поени, 12 скока и 13 асистенции, но имаше дури и девет загубени топки кои, за негова среќа, на крајот не влијаеа на резултатот и победата на Денвер. За Јокиќ ова беше 187-ми трипл-дабл во кариерата, а вкупно 23-ти оваа сезона. Му недостасуваат само уште 20 трипл-дабл учиноци за да се израмни со Расел Вестбруг, кој е лидер на вечната листа во оваа категорија.
Денвер водеше од почеток до крајот на мечот. Започна со 11:0, а потоа постојано го контролираше резултатот, иако Лејкерс беше на чекор да успее да се врати во игра и да го преземе водството, но тоа ниеднаш не се случи.
Лука Дончиќ, кој го одигра јубилејниот 500-ти меч во регулар сезоната во НБА, беше предводник кај Лејкерс со 27 поени, 11 скока и седум асистенции. Словенецот на овој меч ја доби и 15-тата техничка грешка сезонава.
Резултати на останатите мечеви кои се одиграа ноќеска во НБА лигата: Орландо – Далас 115:114, Вашингтон – Јута 112:122, Хјустон – Голден Стејт 113:115 по продолжение, Мајами – Бруклин 110:115, Минесота – Торонто 115:107, Сан Антонио – Детроит 121:106, Феникс – Чикаго 103:105, Сакраменто – Њу Орлеанс 123:133.

