Јокиќ за малку ќе се степаше, дојде до трипл-дабл, но Денвер на крајот загуби (Видео)

Никола Јокиќ сезонава продолжи таму каде што застана во минатата, но овојпат неговиот трипл-дабл не беше доволен за победа.

Денвер загуби од Орландо меџик со 124:119, а Јокиќ покрај новиот трипл-дабл од 30 поени, 13 скока и 12 асистенции, во последната четвртина малку фалеше да влезе во конфликт со центарот на Магичните, Џејлен Сагс.

https://twitter.com/i/status/1727511363130462347

Во последната четртина Сагс се обиде да го испровоцира Јокиќ, прво нешто му дофрлаше, а потоа по еден дуел, паднаа на паркетот. Потоа Сагс уште еднаш падна глумејќи дека бил удрен од Јокиќ, кој помина преку него назад кон својот кош.
Покрај Јокиќ, добра партија одигра и Мајкл Портер јуниор со 25 поени, додека кај Орландо, кој беше подобар во пенал-завршницата најдобри беа Франц Вагнер со 25 и Паоло Банкеро со 23 постигнати поени.

 

Во дербито на вечерта, Бостон селтикс го победи Милвоки бакс со 119:116, но малку фалеше да прокоцка предност од 21 поен. Бостон одигра одлично прво полувреме во кое во еден момент водеше со 54:33, а високата предност ја одржуваше сè до крајот на третата четвртина (94:79). На стартот од последната четвртина кошаркарите на Милвоки се разбудија и предводени од Дамијан Лилард, дојдоа до 114:111 и пенал-завршница. На крајот пресуди мирната рака на Џејсон Тејтум и Џру Холидај, кои беа сигурни од линијата за слободни фрлања. Најефикасен кај Бостон беше Џејлен Браун со 26 поени, додека на спротивната страна блескаше центарот Брук Лопез со 28 постигнати поени.

Атланта на последните два меча постигна речиси 300 поени. Откако вчера загуби со 157:152 од Индијана, утринава славеше со 147:145 против Бруклин нетс, и тоа по продолжението од пет минути.

Мечот во регуларните 48 минути заврши 131:131, а продолжението започна со серија од 7:1 на Атланта, по што следуваше одговор од Бруклин со негова серија од 0:6. До крајот беше неизвесно, а судбината на Атланта на крајот беше во рацете на Тре Јанг, кој беше фаулиран на неколку секунди пред крајот. Јанг, кој има висок процент на реализирани слободни фрлања, овојпат погоди само едно, но, за негова среќа, кошаркарите на Бруклин не успеаја да го реалзираат последниот напад.

Ефикасен меч одиграа и Торонто и Индијана, во кој славеше канадскиот тим со 132:131. Во последната четвртина екипите постојано се менуваа во водство, а најголемата предност ја имаше Индијана од седум поени, но не успеа да ја задржи до крајот.

На 17 секунди пред крајот на мечот, Торонто дојде до плус три (132:129). Во следниот напад играчите на Торонто направија прекршок врз Халибартон, кој ги реализира двете слободни фрлања, но немаше време за пресврт. Паскал Сијакам со 36 поени и 10 скока ја предводеше листата на стрелци кај Торонто, додека Тајрис Халибартон беше најдобар кај Индијана со 33 поени и 16 асистенции.

Резултати: Шарлот – Вашингтон 117:114, Орландо – Денвер 124:119, Атланта – Бруклин 147:145 (прод), Бостон – Милвоки 119:116, Кливленд – Мајами 96:129, Индијана – Торонто 131:132, Хјустон – Мемфис 111:91, Минесота – Филаделфија 112:99, Њу Орлеанс – Сакраменто 117:112, Оклахома сити – Чикаго 116:102, Сан Антонио – ЛА клиперс 102:109, Феникс – Голден Стејт 123:115, Портланд – Јута 121:105, ЛА лејкерс – Далас 101:104.

- Оглас -

Најнови вести