Јончевски: Да заборавиме на триумфот, во мислите да ни биде само Словачка

Селекторот на македонската кошаркарска селекција, Александар Јончевски, беше презадоволен по синоќешниот триумф на гостувањето кај Данска, особено на начинот на кој Македонија стигна до победата, а тоа е со помош на драматичната тројка од пола терен на Ненад Димитријевиќ, со која славевме 73:70 со звукот на сирената.

Јончевски вели дека многу работи кои се работеа во подготовките беа имплементирани на теренот во Нествед, а сега очекува слично издание и против Словачка за да не пропадне трудот, а воедно да се влезе во победнички континуитет.

„За ова работевме три недели, уште од првиот ден од подготовките сè што правевме беше токму за овој меч со Данска. Од најситните детали за противникот, до индивидуални карактеристики. Така и функциониравме бидејќи само во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер да постигне само два поени во финишот. Знаевме дека играта на противникот ќе оди преку него во вториот дел, гладен беше за поени, а ние колку можевме, покажува статистиката.

Морам да напоменам дека спроведовме голем дел од договореното околу одбраната. Да удвојуваме на низок пост, односно ги реализиравме сите барани детали. Нормално, имавме и грешки, коишто верувам дека во следниот период ќе ги поправиме за што подобро подготвени да го дочекаме дуелот против Словачка.

Веднаш ја забораваме оваа победа, тоа веќе го напоменав на играчите во соблекувалната. Сè ќе биде залудно, целиот вложен труд, ако не ја победиме Словачка во Скопје. Нè чека уште многу работа“, истакна задоволниот селектор Јончевски.

Дуелот против Словачка е закажан за 28 август во 19 часот, а ќе се игра во СРЦ „Кале“.

- Оглас -

Најнови вести