Кошаркарската репрезентација на Македонија направи голем исчекор кон освојување на првото место во групата Д од претквалификациите за Европското првенство 2025 откако вечерва со 58:36 ја совлада Норвешка.
Кошаркарите до триумфот дојдоа благодарение на одличната игра во одбраната, успевајќи да ја запрат транзицијата на Норвежаните и да ги натераат да ги промашат сите 21 шут за три поени.
Селекторот Александар Јончевски е презадоволен од победата, но повикува на смиреност бидејќи в недела Македонија ја очекува уште еден натпревар, против Данска, исто така во Гевгелија.
„Ја стопиравме нивната транзиција, од каде што најчесто постигнуваа поени против Словачка и Данска. Не постигнаа ниту една тројка од 21 обид. Тоа е заслуга на целиот тим и енергијата која ја внесовме, не брзавме, можеби постигнавме помалку од 60 поени, но тоа ни одговараше. Добро се подготвивме, имавме контрола уште од самиот старт и тој ритам ни одговараше. Задоволен сум од прикажаната игра на Ти-Џеј Шортс кој го одигра тоа што го очекувавме и се надевавме. Осумте поени можеби не се кој знае колку, но имаше и осум асистенции, ја огранизираше играта и беше ангажиран во одбраната.
Деновиве му помогнавме да се вклопи во групата и мислам дека успеавме. Многу голема „прашина“ се крена околу неговата натурализација, но треба да им се даде заслуга и на нашите кошаркари. Вечерва победивме со сите дванаесет кошаркари“, вели Јончевски кој очекува неговите кошаркари вака да одиграат и против Данска.
„Очекуваме цврста игра и против Данска, но не треба да не залажува нашата победа на гости. Треба да останеме со свежи глави и да ја завршиме втората третина од овие претквалификации. Свесни сме дека било каков кикс ќе биде чекор назад. Ќе го анализираме натпреварот против Словачка и ветувам ангажираност и в недела“, заврши Јончевски.