Јончевски ги посочи скокот и слободните фрлања како слаби точки на репрезентацијата

По поразот од Полска во пријателскиот натпревар во Белград, селекторот Александар Јончевски ги сумираше впечатоците по првата контрола.

„Ова беше прв меч за нас. Имавме само неколку дена за да се подготвиме и да одиграме ‘пет на пет’ за разлика од Полска која се подготвува подолго време и неодамна се соочи со Србија. Имавме добра енергија и бевме рамноправни во делови од натпреварот. Но имаше неколку моменти од кои се плашевме и истите се покажаа како најголем хендикеп во нашата игра, а тоа е скок играта.

На овој натпревар тие имаа вкупно 40 скока, 14 офанзивни, 16 повеќе од нас и таа бројка треба да е загрижувачка за нас. Промашивме и осум од осумнаесет слободни фрлања што е уште еден доказ дека не сме тотално подготвени.

Се надевам дека ќе се поправиме во овие сегменти и веќе на следниот дуел ќе бидеме во многу подобра ситуација.

Што се однесува до останатите сегменти, мислам дека функционираме задоволително и очекувам уште поголем напредок во следниот период. Се надевам дека дел од деталите ќе успееме да поправиме за вториот меч со Полска.

Позитивно од овој натпревар е тоа што момците имаа желба за надигрување иако на физички план можам да кажам дека бевме инфериорни на скоро секоја позиција. Тоа им го предочив на момците и на полувремето, дека противникот отскокнува од нас на тоа поле. Ги замолив, да се обидат да прикажат поголема борбеност, за да одговориме соодветно на репрезентација од ваков ранг“, рече Јончевски по натпреварот.

По утрешниот меч кој се игра на пладне, нашата експедиција се враќа во Скопје каде ќе ги одработи последните денови од подготовките пред заминувањето за Естонија, планирано за 10-ти август.

 

- Оглас -

Најнови вести