Јончевски и Хап едногласни: Ова е победа на целата екипа!

Кошаркарската репрезентација одигра фантастичен натпревар против Полска на гостински натпревар и ја забележа првата победа во квалификациите за Европското првенството, и тоа на убедлив начин со 71-96.

Селекторот Алекс Јончевски е задоволен од прикажаното и вели ова е победа на сите играчи.

„Напорно трениравме по поразот од Естонија во Скопје. Полска е репрезентација со одлични играчи и одличен тренер. Влеговме многу сериозно на овој натпревар. Можеби ризикувавме со некои шутеви, но се виде дека на крајот тоа ни се исплатеше. Тоа беше дел од нашата тактика. Сакам да им честитам на сите играчи коишто играа, без разлика дали тоа беше една минута или 31 минута. Сите се заслужни за оваа победа“, вели Јончевски.

Слично размислува и Американецот во дресот на Македонија, Итан Хап, кој со 19 поени беше меѓу најдобрите на теренот.

„Селекторот одлично нѐ подготви за натпреварот. Сите знаевме кои ни се задачите и тоа го исполнивме на теренот. Нено беше фантастичен, му ја даваш топката и се знае што следува потоа. Се согласувам со селекторот дека ова е победа на сите што беа на паркетот“, рече Хап.

 

- Оглас -

Најнови вести