Јончевски: Мечот против Литванија во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за Европско првенство

Двата можеби најважни натпревари во квалификациите за Евробаскет 2025 се пред нашите најдобри кошаркари овој ноември. Нашиот национален тим ќе игра против фаворитот во нашата квалификациска група, селекцијата на Литванија.

Македонија во четврток од 18 часот, во салата на СРЦ „Кале“, ќе се обиде да изненади уште еднаш, да биде подобра од репрезентација која секогаш е во европскиот, па и во светскиот врв на кошарката.

Три дена подоцна, Литванија ќе ѝ биде домаќин на Македонија во Клаипеда.

„Ова се најважните два натпревари во овој квалификациски циклус. Ситуацијата е таква што мораме да победиме барем на еден меч за да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство. Литванија е фаворит, јасно е дека се работи за една од највалитетните европски репрезентации. Верувам дека мечот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за Европското првенство“, изјави селекторот Александар Јончевски на почетокот на овие мини-подготовки.

Извесно е дека и во овој квалификациски ФИБА прозорец предводникот на нашата репрезентација не може да смета на еден комплетен ростер, со кој евентуално ќе бевме уште поконкуретни против европски велесили каква што несомнено е Литванија.

„Во моментов не можеме да се пофалиме со настапите на нашите репрезентативци, а во Скопје нема да играат Хап, Шортс и Димитријевиќ. Располагаме со кошаркари кои настапуваат во домашното првенство и во регионалната АБА 2, но и таму не забележаа поголем успех оваа сезона. Ќе се обидеме да ги изненадиме Литванците на тактички план и верувам дека ќе успееме на овие два меча да забележиме барем една победа. Притисокот е на страната на Литванците бидејќи и тие непланирано загубија еден натпревар, од Естонија. Поради тоа, картите им се отворени и ќе одат со сите сили да победат на двата меча против нас затоа што не се сеќавам дека Литванија не била присутна на некое од последните европски првенства“, дополни Јончевски.

- Оглас -

Најнови вести