Поранешниот македонски репрезентативен голман, Јорде Георгиевски е гостин на Спорт Манија во новото издание со хуманитарен тикет и со него веднаш неизбежна е приказната за Јувентус, најтрофејниот италијански клуб.
„Страствен навивач сум на Јувентус од мали нозе, а идол ми е Алесандро Дел Пјеро, еден голем фудбалски уметник, чии прекрасни настапи ме привлекоа да бидам фан на Старата Дама. Честопати одам во живо да ги гледам натпреварите на Јувентус, иако сега заради пандемијата со Корона-вирус е отежнато патувањето со протоколите. Гледав натпревари на Јувентус во Торино, но и во Милано, Леверкузен и секако и во идина планирам да бидам на трибините на натпревари на мојот омилен клуб“, ја започна приказната Јорде Георгиевски.
ЈОРДЕ ИМА УНИКАТЕН ИЗБОР – ИДОЛИ ОД ДЕСТВОТО МУ СЕ ДЕЛ ПЈЕРО И ДЕНИС РОДМАН
Интересно е што и самиот признава дека многу се разликува од својот идол Алесандро Дел Пјеро што го опишува како маестрален фудбалер и господин во копачки, тивок играч, што е сосема спротивно на темпераментот на нашиот гостин.
„Речиси сите што ме познаваат ми го велат тоа. Додека бранев во мојата играчка кариера бев многу темпераментен, ме препознаваа по различните фризури во стилот на Денис Родман. Спортист што исто така ми беше омилен во минатото, но е познато дека е сосема различен карактер од кроткиот Дел Пјеро. Младост-лудост велат постарите, но како одминуваат годините го скротив темпераментот, иако кога се работи за Јувентус знам честопати да избувнам, да се изнервирам , да коментирам на социјалните мрежи. По апсолутната доминација и 9 шампионски титули по ред, сега некако не ни оди, па честопати и се нервирам, но не се откажувам од мојата детска љубов, Јувентус“, додава нашиот поранешен репрезентативец.
БЕШЕ ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ МАКЕДОНСКИ ГОЛМАНИ И РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ, НО НЕМА НАСТАП ЗА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ
Георгиевски во голманската кариера бранеше за двете најтрофејни екипи во Македонија, Вардар и Работнички, потоа и за Македонија Ѓорче Петров, Тетекс и Металург.
Во репрезентацијата на Македонија беше постојано на списокот на различни селектори речиси цела декада, но постојано беше резерва и не бранеше на ниту еден официјален меч во дрсеот со националните облежја.
„Да, тоа е малку чудно, бидејќи бев повикуван, но секогаш бев втор, или трет голман во репрезентацијата. Но, тогаш конкуренцијата беше страшна, бранеа голмани од калибарот на Јане Николовски, покојниот Петар Милошевски, Гого Јовчев, Томе Пачовски, сите топ-голмани, што многу ги почитувам. Секако дека жалам што немам официјален настап за Македонија, но со кариерата сум задоволен“, вели Георгиевски.
Можеби и најнепријатниот момент во кариерата, случајот со допинг, што подоцна беше толкуван како ненамерна грешка, иако беше казнет со шестмесечна суспензија го спречи да брани и во некој европски клуб, што можеби и ќе му овозможеше да биде и прв голман на репрезентацијата.
„Ми се случи по грешка на клубот да ми дадат лек за настинка што бил на листата на забранети супстанци и од сосема наивен случај бев казнет за допинг. Тогаш бев голман на Работнички и имав понуди од кипарска екипа, од турски Самсунспор, а потоа бев една недела на проба во Гетеборг, но поради случајот трансферите ми пропаднаа. Не сакав никого да обвинувам, иако очекував дел од луѓето што добро ме познаваат како спортист и човек да ме заштитат. Сам ја презедов одговорноста и си ја платив ненамерната грешка што не беше моја. Имав кариера од која сум задоволен. Можеби трансфер во странство е дел од мозаикот што недостасува, но не се кајам за ништо“, објасни одличниот голман.
МАЈСТОР Е ЗА ОБЛОЖУВАЊЕ, ОД НЕГО ВРЕДИ ДА СЕ „ПРЕПИШЕ“ ТИКЕТ
Јорде е многу активен на социјалните мрежи, особено кога станува збор за спортски теми и секако Јувентус, а сите што ги следат неговите објави знаат дека е мајстор за обложување. Честопати и ги објавува добитните тикети, па со обложувачки речник од него вреди да се „препише“ тикет.
„Играм за задоволство и со мали уплати, чисто што велат луѓето за кеиф, за своја душа. Знам да направам долгометражен тикет со милионски суми, а неколкупати сум промашувал за еден-два гола. Знам да погодам, особено во последни време, но тоа не се големи добивки, бидејќи и уплатите се мали. Омилена игра ми е 1-3 гола во прво и во второ полувреме, а секогаш играм тикети без игра на конечен тип. Тука според мене најмногу се паѓа и честопати сум се радувал на добивка, кога сите останати ќе паднат на големите фаворити.
УШТЕ ОТСЕГА БАРА ЧАРЕ КАКО ДА СЕ СТАСА ВО ПАЛЕРМО И ВЕЛИ: МАКЕДОНИЈА ЈА ПОБЕДИ ГЕРМАНИЈА, ЗОШТО ДА НЕ ПАДНЕ И ИТАЛИЈА?
Неизбежна тема во фудбалот е големиот успех на Македонија и првиот настап на големо натпреварување, на ЕП минатото лето, но и престојниот бараж меч со Италија во Палермо на 24. март, се надеваме како прв чин од евентуални два баражи за пат на Мундијалот во Катар.
Георгиевски го забележавме на трибините на „Јохан Кројф“ арена во Амстердам на последниот меч во фазата по групи на ЕП за Македонија против Холандија, а сега вели дека планира да патува и за Палермо, за мечот со Аѕурите на 24. март.
„Верувам дека сите што го саката фудбалот и навиваат за Македонија имаат иста желба, да се на трибините на Ренцо Барбера и нашата репрезентација да слави уште една голема победа. Да бидеме искрени Аѕурите имаат огромно педигре во светот на фудбалот, како актуелни европски прваци и четиркратни светски шампиони, но Македонија има генерација на фудбалери што не се плашат од никого. Реално Италија е фаворит, но од се срце сакам Македонија да приреди подвиг. На крајот зошто и да не, кога ја победивме Германија во Дуисбург, може да ја изненадиме и Италија во Палермо. За мене, а верувам и за сите останати доволно ќе биде да се одигра храбро и борбено, а верувам во квалитетот на избраниците на Боби Милевски и сонувам да приредиме уште едно фудбалско чудо“, за крај вели Јорде Георгиевски.