Јошко Миленкоски утре ги собира одбојкарите на подготовки за Европската златна лига

Машката сениорска одбојкарска репрезентација утре, во 13:30 часот, во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица стартува со подготовките за настапот во ЦЕВ Европската златна лига 2025. Селекторот Јошко Миленкоски повика 16-мина репрезентативци на чии услуги ќе смета на првата акција летово.

На првата прозивка ќе се појават 15-мина одбојкари, единствено ќе недостасува Михајло Мирасчиев, кој поради приватни обврски ќе задоцни, но ќе се стави на располагање веќе на првиот тренинг попладнето, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија.

Според планот, репрезентацијата една недела ќе тренира во салата „Парк“ во Струмица, а потоа патува за Марибор, каде што на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Хрватска, како проверка на силата во пресрет на натпреварите од Европската златна лига.

Во годинешното издание на ЦЕВ Европската златна лига ќе учествуваат 12-те национални тима, каде што покрај Македонија, ќе се натпреваруваат и Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел. Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“, односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.

Третата година во низа како дел од силното континентално натпреварување машката репрезентација го започнува викендот од 6 до 8 јуни во Братислава, Словачка, каде што Македонија ќе ги измери силите со домаќинот на првиот турнир и селекцијата на Финска.

Вториот турнир одбојкарите го играат една недела подоцна, од 13 до 15 јуни во Рига против Летонија и Грција. Македонија ќе биде домаќин на еден од трите турнири во третиот викенд од годинешното издание, кога од 20 до 22 јуни во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека Црна Гора и Израел.

По комплетирањето на турнирите ќе биде формирана заедничка табела, на која првите четири најдобропласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи на 5 и 6 јули во Брно, Чешка.

Машката А репрезентација од 2014 година константно е дел од годишните натпреварувања на ЦЕВ и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медали.

- Оглас -

Најнови вести