Голманот на Астон Вила, Емилијано Мартинез, би можел наскоро да го облече дресот на Манчестер jунајтед. Оваа информација вечерва ја објави реномираниот аргентински новинар Гастон Едул, кој во живо во телевизиски пренос откри дека Мартинез е во преговори со Јунајтед, а Астон Вила е подготвена да го пушти.
Ваквиот развој не е изненадување, имајќи предвид дека Мартинез се збогуваше со навивачите на „Вила Парк“ во последното коло од минатата сезона, а со недели наназад се шпекулира за негово заминување.
Се споменуваше интерес од Галатасарај, но аргентинскиот голман чекаше понуда од поголем клуб, и таква пристигнала токму од Манчестер.
Познато е и дека менаџерот на Јунајтед, Рубен Аморим, не смета премногу на Андре Онана, па затоа бара нов чувар на мрежата. Сепак, ситуацијата е комплицирана.
Прво, продажбата на Онана нема да биде лесна. Јунајтед плати 50 милиони евра на Интер за него во 2023 година, а плус има висока плата и амбиции да заигра во уште еден голем клуб.
Второ, Мартинез нема да биде евтин. Тој е светски шампион со Аргентина и веќе изгради сериозна репутација во Премиер лигата. Манчестер јунајтед сака брзо да го заврши трансферот, бидејќи Онана е и повреден и нема да биде достапен уште најмалку два месеца.
Унаи Емери е свесен дека ќе остане без Емилијано Мартинез, па Астон Вила веќе ја насочи својата цел кон Марко Бизо од Брест, со кого се очекува наскоро да ја финализира зделката.