Манчестер јунајтед и Челзи ги оправдаа фаворитските улоги во средбите против Норвич, односно Барнли. Црвените ѓаволи на домашен терен славеа со убедливи 4-0 против Канаринците, додека избраниците на Френк Лампард исто така пред своја публика победија со 3-0.
Оле Гунар Солскјер може да биде задоволен од своите напаѓачи, Рашфорд стрелаше во два наврати, а во листата стрелци се запишаа и Марсијал и младиот Гринвуд, кои ја донесоа деветтата победа за Јунајтед во Премиер лигата. За Челзи пак, трите бода ги обезбедија Жоржињо и Абрахам, а првенец во шампионатот запиша и младиот Хадсон-Одои.
Големото изненадување се случи на „Кинг Пауер“ стадионот, каде што Саутхемптон славеше со 2-1 против Лестер. Тимот на Брендан Роџерс го претрпе вториот последователен пораз на домашен терен по дебаклот од Ливерпул, а со овој пораз на Лисиците му се укажа шанса на составот на Јирген Клоп да ја зголеми бодовната разлика доколку вечерва го совлада Тотенхем.
Светците до големата победа дојдоа со пресврт, откако Армстронг и Ингс одговорија по водечкиот гол на Прает во 14-тата минута. На останатите средби, Евертон славеше со минимални 1-0 против Брајтон, Вулверхемптон и Њукасл ремизираа при конечни 1-1.