Манчестер јунајтед последните сезони е далеку од успесите кои ги имаше во времето со Сер Алекс Фергусон, но раководството сепак не размислува за отказ на холандскиот тренер Ерик тен Хаг, па дури и се прават планови за следните засилувања.
Следна трансфер цел на Црвените ѓаволи ќе биде шпанскиот репрезентативец и член на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс. Крилниот офанзивец игра одлично во дресот на Баскијците, минатата сезона во 43 настапи постигна девет гола и шест асистенции, додека оваа сезона на 15 меча има четири гола и пет асистенции.
Според шпанските и англиските медиуми, Манчестер јунајтед ќе се обиде да го ангажира уште во јануарскиот преоден рок, а за да го стори тоа, ќе мора да го одврзе ќесето. Најскапиот трансфер во историјата на клубот е оној на Пол Погба, кој чинеше 105 милиони евра, а сега и Англичаните и Шпанците се убедени дека тој рекорд ќе мора да биде срушен за да биде купен Нико Вилијамс. Иако деталите колку би понудил Јунајтед не се откриваат, сепак таа сума сигурно ќе надмине 105 милиони евра.