Аријан Адеми го постигна клучниот гол за победа на Динамо Загреб против Риека во дербито на „Руевица“, што може да ја одлучи и титулата, а погодокот го славеше пред домашните навивачи, познатата Армада.
Македонскиот репрезентативец го објасни и потегот да дојде пред навивачите на домашната екипа и да го прослави голот за победа од 2:1.
„Овде секогаш е страшно наелектризирана атмосфера. Многу негативна и такво нешто немам доживеано. Јас само покажав дека играме фудбал што треба да се следи без навреди од трибините“, изјави Адеми.
Динамо остана на врвот на табелата во ХНЛ со два бода предност пред Осиек, но и со меч помалку, па голот на Адеми во 85-тата минута може да биде клучен за одбрана на титулата.
„Имавме проблеми на стартот и рано примивме гол. Знаевме дека се опасни од контранапади, но и со тој ризик тргнавме во напад и бевме подобри. Многу ми значи и голот и победата, биеме битка за титулата, но сè уште ништо не е готово. Нè чекаат дерби-натпревари и секој бод до крајот на првенството е многу важен. Им благодарам на нашите навивачи кои не бодреа во текот на целиот меч и ни помогнаа да победиме“, додаде Адеми.
Динамо до крајот на шампионатот треба да одигра уште 7 натпревари и има три дербија.
Еднаш ќе игра со Осиек и двапати со Хајдук во вечното дерби на Хрватска, а има 7 бода предност пред сплитските „били“.