Мароко се пласира во финалето на Африканскиот куп на нациите (АКН) откако по голема драма и подобро изведување на пеналите ја елиминира Нигерија. По регуларниот дел беше 0:0, а немаше погодоци ни по дополнителните 30 минути.
Во пенал-рулетот Мароко со 4:2 беше подобар, а херој на мечот е голманот Јасин Боно, кој одбрани два од четирите пенали. Посебно впечатлив беше начинот на којшто Боно одбрани во четвртата серија, кога буквално го збуни противникот откако истрча до едната статива, а шутот потоа беше таму упатен илесно беше одбранет.
Како се одвиваше пенал-рулетот, може да видите ТУКА.
По мечот, Боно откри како се подготвувал за да ги брани пеналите.
„Улогата на голманот е да го одбрани шутот. Понекогаш топката нема ни да дојде до вас, а во други ситуации сè зависи од вас. Морате да сфатите дека тоа е животот на голманите. Денеска бев потребен на тимот и фала му на Бога што работите завршија добро за нас. Таков е фудбалот. Понекогаш работите одат токму така како што посакувате, а некогаш не. Со оваа победа се изборивме да играме во финалето. Кога се изведуваат пеналите, постои подготовка, но и фудбалерот се подготвува. Понекогаш мора да верувавате во својата интуиција, малку треба да се има и среќа. Тоа е составен дел од фудбалот“, рече херојот на Мароко, голманот Боно.
Во финалето на АКН, Мароко ќе игра против Сенегал. Дуелот ќе се игра в недела во Рабат.

