Македонските фудбалски јунаци што ја урнаа Италија во Палермо ќе слетаат на скопскиот аеродром во 17.30 часот денеска, а навивачите ќе можат да ги поздрават еден час подоцна на плоштадот „Македонија“.
Ќе се организира дружба на македонските репрезентативци со народот и се очекува голем број фудбалски симпатизери и сите останати да ги поздрават златните момци кои се на еден чекор до невиден подвиг и пласман на прво Светско првенство во нашата фудбалска историја.
Македонија ќе патува за Порто на 27 март, а два дена подоцна ќе го игра финалниот бараж на стадионот „Драгао“ против Португалија за пат во Катар.
Светското првенство ќе се игра во ноември и декември оваа година.