Веста дека Лионел Меси не е сигурен дека сака да го продолжи договорот со Барселона одекна како нуклеарна бомба во фудбалскиот свет, најдобриот фудбалер на светот и прв стрелец во историјата на Барса би можел да си замине следното лето, ако не се исполнат неговите барања. Меси е во конфликт со претседателот Хосеп Марија Бaртомеу, не се согласуваше со неговата одлука да го купи Антоан Гриезман наместо Нејмар, и да го разреши тренерот Ернесто Валверде во период кога каталонскиот тим беше прв на табелата.
Претседателските избори во Барселона во јуни може да бидат историски, и од нивниот исход да зависи дали Меси до крајот на кариерата ќе остане во клубот во кој ја почна. Ако победи Бартомеу и ако тој не ги исполни барањата на Аргентинецот (тренер да биде Чави и да се донесат Нејмар или Лаутаро Мартинес), тогаш Лео ќе си замине, и тоа веројатно без обесштетување бидејќи договорот му е до 30 јуни 2021.
Доколку се случи Меси да си оди, тогаш фаворити за негов ангажман се Манчестер сити, Интер од Милано, ПСЖ, американски Интер од Мајами, а се спомнува дури и аргентинскиот клуб Њуелс Олд Бојс. Меси сака да игра со Нејмар и со Лаутаро Мартинес, па можеби и ќе заигра, но не во дресот на Барса туку во ПСЖ односно Интер. Во Сити е Гвардиола под чие водство стана најдобар на светот, а парите, уживање и постепено повлекување од врвниот фудбал би му донеле трансфер во Мајами.