Јура долета од Чикаго, но не е супермен

Ерменците имаат одлични поединци и неколку фудбалери од висока класа, но подолго време нешто не штима како што треба во нивниот табор.

Тоа пред навивачите го призна и еден од најпознатите играчи Јура Мовсисјан. Долета од САД од редовите на Чикаго фајр за да и помогне на ерменската селекција, но и тој и неговите соиграчи се посрамотија со поразот од Гибралтар.

„Јура не е супермен, а фудбалот е тимски спорт. Ако некој очекуваше јас самиот да ги променам работите, тогаш за џабе доаѓав. Не можеме да се однесуваме како размазени ѕвезди на теренот. Проблемите во ерменската репрезентација не се од сега. Тие траат веќе една година и ништо не може да се промени за еден ден, со еден меч. За репрезентацијата и дресот со национални обележја треба да се гине на теренот“, вели Мовсисјан.

Тој има одлична фудбалска кариера, играше за руски Спартак, за Краснодар и уште неколку реномирани европски клубови, а сега настапува во МЛС лигата во САД за Чикаго фајр. Ерменците го имаат и Мхитарјан од Арсенал, потоа и одличниот Пицели, Барсегјан, Хамбарѕумјан и уште неколку квалитетни поединци, но лошо функционираат како целина и тоа е шанса Македонија и во вторник да ги надигра и порази.

Во Скопје минатиот месец ги победивме со 2:0, а со нов успех ќе бидеме сигурно први во нашата група и ќе играме на завршниот турнир во Д сегментот од Лигата на Нации. Таму ќе настапат победниците од четирите групи, а најдобрата селекција, што ќе биде шамопион во Д сегментот ќе игра на Европското првенство во 2020 година.

 

- Оглас -

Најнови вести