„Јутјуб“ стана средство за скаутирање на фудбалски таленти

Феноменот „Јутјуб“ ги надминува сите очекувања откако од неговото појавување во 2005 година, па досега се претвори во извор на видеозаписи од различни сфери. Но, на овој интернет-пребарувач, кој пред сè се користи за музика, во Англија му најдоа и друга употреба.

Имено, четвртолигашот Нортхамптон ангажираше седумнаесетгодишен тинејџер по име Скот Полок, кој до пред една година играше за полупрофесионален клуб наречен Хаштаг јунајтед, кој го користи „Јутјуб“ како главен извор за објавување новости, натпревари, односно сè што е поврзано со клубот.

Токму преку нивниот канал, Нортхемптон го забележа талентот на Полок и во летото 2018 година му понуди двегодишна стипендија и го прати на позајмица во пониските лиги. Но, само по неколку месеци, тие го вратија Полок назад во тимот и му дадоа шанса да заигра за сениорите. Во саботата англискиот тинејџер дебитираше во поразот од Кембриџ јунајтед од 3-2.

На Полок му предвидуваат блескава иднина, а тој веќе може да се пофали дека играл и на легендарниот терен на „Вембли“, во хуманитарен натпревар на кој настапија поранешни ѕвезди, како Стивен Џерард, Емил Хески… Навистина чудно патешествие, но слободно може да се каже дека „Јутјуб“ полека прераснува и во средство за скаутирање на талентирани млади фудбалери.

- Оглас -

Најнови вести