Италијанскиот второлигаш Јуве Стабија е ставен под судска контрола поради наводно инфилтрирање на мафијата во клубот, соопштија локалното обвинителство и полицијата.
Клубот од Кастелмаре ди Стабија, близу Неапол, територија на криминалната организација Камора, моментно се наоѓа на седмото место во Серија Б. Според истрагата, била откриена „мафијашка мрежа на влијание врз економските активности на клубот“, потекната од локалниот клан на Камора, наведуваат Обвинителството во Неапол, полицијата и националниот обвинител за борба против мафијата.
La Juve Stabia e le infiltrazioni mafiose nella gestione dei servizi del club: la società è finita in amministrazione controllata 🚨
— Cronache di spogliatoio (@CronacheTweet) October 21, 2025
1/3 pic.twitter.com/C5SycnnLCC
Во заедничкото соопштение се додава дека актуелните сопственици на Јуве Стабија „наследиле долготрајни економски односи под мафијашко влијание и не спровеле соодветна контрола за нивно прекинување“.
Компанијата „Брера холдингс“, со седиште во Ирска и со интереси во повеќе фудбалски клубови, купи 52% од акциите на Јуве Стабија во јуни. И клубот и „Брера“ сè уште не одговориле на обвинувањата. Оваа компанија е сопственик и на македонскиот прволигаш АП Брера.
Обвинителството и полицијата соопштија дека лица поврзани со кланот Камора Д’Алесандро контролирале продажба на билети, кетеринг, чистење, здравствени услуги, па дури и патувања на првиот тим.
„Фудбалерите треба само да играат, додека Камора се грижи за сè друго“, изјави обвинителот на Неапол, Никола Гратери.
Судската администрација ќе му овозможи на клубот да продолжи со спортските активности, но под строг надзор. Мерката има цел да ја врати законитоста и транспарентноста во управувањето и да го врати клубот кон независност, интегритет и оперативна слобода, стои во соопштението.
Обвинителите во јужната италијанска провинција Калабрија презедоа слична мерка минатиот месец против третолигашот Кротоне.