Нема никакви дилеми дека Јувентус ќе ја одбрани титулата во Серија А и оваа сезона. Гигантот од Торино има дури 15 бодови повеќе пред второпласираниот Наполи и само рутински треба да ги одработи последните девет кола. Шампионот вечерва гостува кај Калјари, во меч на кој тренерот на „старата дама“, Масимилијано Алегри, ќе има големи проблеми околу составот.
Дури деветмина играчи кај Јувентус нема да може да играат на овој меч. Од претходно се знаеше дека надвор од составот ќе бидат Кристијано Роналдо, Андреа Барѕалји, Хуан Квадрадо, Сами Хедира и Даглас Коста, а сега на оваа листа се приклучија и голманот Матија Перин, како и Пауло Дибала, Марио Манџукиќ и Леонардо Спинацола.
Најголем проблем за Алегри ќе биде нападот, бидејќи тројката Роналдо-Манџукиќ-Дибала е во аут. Во нападот на Јувентус се очекува да биде талентираниот Моис Кеан, кој веќе покажа дека знае да се носи со притисокот и да постигне погодок кога е потребно.
Калјари се надева дека ќе може да ги искористи проблемите во гостинскиот состав и да направи изненадување. Домаќините речиси 10 години немаат победа против Јувентус. На последните 17 меѓусебни средби, Јувентус има 14 победи и три нерешени. Калјари последен пат се радувал на домашен терен со 2-0, и тоа во ноември 2009 година.
Ова се играчите на кои вечерва ќе смета тренерот на Јувентус, Алегри.