Јувентус има резерви во врска со доведувањето на Џејдон Санчо од Манчестер јунајтед и според информации од Италија, преговорите моментално се ставени во мирување. Англискиот крилен напаѓач веќе неколку недели е на радарот на Старата дама, особено откако неговата позајмица во Челзи заврши, а лондонскиот клуб плати дополнителна сума за да избегне траен трансфер.
Санчо има договор со Манчестер јунајтед до крајот на оваа сезона, што ги принудува Црвените ѓаволи значително да ја намалат бараната цена на околу 15 милиони евра, плус бонуси, кои би можеле да достигнат вкупно 17 милиони евра.
Иако се чинеше дека трансферот е на добар пат, сепак најновата информација е дека Јувентус се двоуми и го одложува финализирањето на договорот. Клубот од Торино не е целосно убеден дека Санчо е вистинското решение за крилната позиција, особено по вчерашната аквизиција на Франциско Консеисао од Порто за 32 милиони евра.
Во меѓувреме, Санчо не беше повикан со Манчестер јунајтед за претсезонската турнеја во САД, што дополнително потврдува дека 25-годишниот фудбалер не се наоѓа во плановите на менаџерот Рубен Аморим.