19.8 C
Skopje
среда, 30 јули 2025

Јувентус го притиска Ливерпул за Дарвин Нуњес, но Коло Муани останува приоритет

Јувентус не се откажува од идејата да го задржи Рандал Коло Муани, но истовремено работи и на алтернатива. Италијанскиот гигант испратил официјално барање до Ливерпул за уругвајскиот напаѓач Дарвин Нуњес, кој сè повеќе се поврзува со заминување од „Енфилд“.

Коло Муани минатата сезона беше позајмен од Пари Сен Жермен и настапи за Јувентус во последните шест месеци, а сега клубот од Торино преговара за траен трансфер или продолжување на позајмицата со опција за откуп следното лето. Францускиот репрезентативец сака да остане во Јувентус, имајќи предвид дека не се вклопува во плановите на тренерот Луис Енрике во ПСЖ.

Сепак, Старата дама не сака да ризикува и веќе разгледуваат алтернативи. Како што пренесуваат италијанските медиуми, Јувентус стапил во директен контакт со Ливерпул околу евентуален трансфер на Дарвин Нуњес.

Наполи, кој претходно беше заинтересиран за Нуњес, се повлече поради високото финансиско барање од 50 милиони евра и реши да го доведе Лоренцо Лука од Удинезе. Тоа отвора простор Јувентус да влезе во игра и да се обиде да го донесе 26-годишниот Уругваец во Серија А.

Дарвин Нуњес му се приклучи на Ливерпул во 2022 година за 85 милиони евра од Бенфика. Минатата сезона одигра 47 натпревари во сите конкуренции, при што постигна седум гола и оствари исто толку асистенции. И покрај сериозниот интерес од Ал-Хилал, Нуњес ја изразил својата намера да остане во Европа.

- Оглас -

Најнови вести