Шпанскиот голман Давид де Хеа има фантастична сезона во дресот на Фиорентина и сега се наоѓа уште пред една голема пресвртница во својата кариера. Секако ќе остане во Серија А, но би можело Фиренца да ја замени со Торино и да застане на голот на Јувентус.
По заминувањето од Манчестер јунајтед во летото 2023 година, Де Хеа помина цела година без клуб. Но, минатото лето ја прифати понудата на Фиорентина и не згреши, стана незаменлив на голот на Виолетовите и повторно го потврди својот квалитет на големата сцена.
Со 33 настапи сезонава, 11 меча без примен гол и вкупно 35 примени погодоци, Де Хеа стана столб на одбраната на тимот од Фиренца. Тоа не помина незабележано и Јувентус веќе сериозно размислува да го донесе на „Алијанц стадионот“.
Во Торино не се задоволни од настапите на Микеле Ди Грегорио и според „Спорт Медијасет“, планираат летна реконструкција на голманската позиција. Доколку Ди Грегорио биде продаден, Де Хеа е главната цел на Старата дама.
Покрај Јувентус, се појавуваат и шпекулации за можно враќање на Де Хеа во Манчестер јунајтед, каде што остави длабок белег со 545 натпревари во текот на 12 сезони.