Во Торино се одигра вистински спектакл во првото коло од Лигата на шампионите, каде што Јувентус и Борусија Дортмунд одиграа реми 4-4. Натпреварот ќе остане запаметен по неверојатното второ полувреме.
Првите 45 минути минаа мирно и завршија без голови, само со една вистинска шанса по ударот на Тирам од далечина. Но, продолжението донесе фудбалска лудница.
Карим Адејеми го отвори резултатот за Дортмунд во 52-рата минута, а само десет минути подоцна Кенан Јилдиз со одличен удар израмни на 1-1. Веднаш потоа, Феликс Нмеча погоди за нова предност на Милионерите, но Душан Влаховиќ со удар со глава во 67-мата минута возврати за 2-2.
Финишот беше неверојатен. Јан Коуто во 74-тата и Рами Бенсебаини од пенал во 86-тата минута донесоа водство од 2-4 за Борусија Дортмунд, но Јувентус не се предаде.
Влаховиќ во судиското продолжение намали на 3-4, а во 96-тата минута Лојд Кели израмни за конечни 4-4.
Ова полувреме ќе остане запишано во историјата на Лигата на шампионите – вкупно осум гола беа постигнати само во вториот дел. Вакво нешто досега се случило само еднаш, минатата сезона, кога Баерн Минхен го декласира Динамо Загреб со 9-2, а беа постигнати исто така осум погодоци во едно полувреме.

