Интер останува лидер на табелата во Серија А, откако во дербито на 13. коло одигра 1:1 на гостувањето кај Јувентус. Ова беше јубилејно 250 дуел од популарно нареченото Дерби на Италија, а на крајот двата тима освоија по еден бод.
Навивачите на Јувентус први се израдуваа откако Душан Влаховиќ погоди во 27 минута за водство од 1:0. Само шест минути траеше радоста на Старата дама, затоа што по еден одлично одигран напад, Интер израмни со голот на Лаутаро Мартинез.
По овие два гола, темпото на игра се намали, двете екипи беа фокусирани да не примат гол, па до крајот остана 1:1. Јувентус на крајот имаше само еден шут во рамките на голот на Интер и даде гол, додека гостите имаа четири удари во рамките на голот на домашниот тим.
Интер е прв со 32 бодови, пред Јувентус со 30, а потоа следуваат Милан со 26 бодови, Наполи 24, Рома 21, Аталанта 20, Фиорентина 20…