Јувентус и Ливерпул во најголемите дербија на Италија и Англија може да останат без место во ЛШ

Јувентус на свој терен загуби од Милан со 3:0, пораз по кој Старата дама падна на петтото место во Серија А. На три кола до крајот, Јувентус има еден бод помалку од четвртиот Наполи, а Милан и Атланта имаат три бода повеќе од гигантот од Торино.

Во следното коло Јувентус гостува кај Сасуоло (в среда), но вистинскиот предизвик ќе го има во претпоследното коло, односно следниот викенд, кога тимот на Андреа Пирло ќе го пречека новиот првак Интер. Дуелите меѓу Јувентус и Интер го имаат епитетот Дерби на Италија. Доколку Јувентус тогаш не успее да ги освои трите бода, многу веројатно е дека ќе остане без пласман во Лигата на шампионите за следната сезона.

Во слична ситуација како Јувентус е и Ливерпул во Англија. Екипата која уште го има приматот на шампион во Премиер лигата, моментно е на шестото место на табелата со 57 бодови, дури шест помалку од четвртиот Лестер. Ливерпул има еден меч плус за доигрување и тоа е дербито против Манчестер јунајтед.

Дуелот кој треба да се игра в четврток на „Олд Трафорд“ е најголемото дерби во англискиот фудбал и токму таа средба може да биде и крај на сите надежи за Ливерпул да игра во Лигата на шампионите следната сезона.

Интересно е што Манчестер јунајтед пред дербито со Ливерпул треба да одигра уште еден меч, и тоа утре против Лестер, кој е директен ривал на Ливерпул за посакуваното четврто место. Едноставно, од Црвените ѓаволи зависи дали Ливерпул ќе успее да се избори за влез во елитното европско друштво и за следната сезона.

 

- Оглас -

Најнови вести