Со потпишувањето на Матајс де Лихт, Јувентус најверојатно го комплетираше составот за следната сезона. Дефанзивецот во Торино дојде од редовите на Ајакс, клубот кој ја елиминираше Старата дама во четврт-финалето во последното издание од Лигата на шампионите. Токму Де Лихт го даде погодокот кој значеше елиминација на италијанскиот првак од ЛШ.
Интересно е што пред две сезони Јувентус беше исфрлен од Реал Мадрид, а тогаш кошмар за најтрофејниот клуб во Серија А беше Кристијано Роналдо. Веднаш потоа, во летниот преоден рок беше купен токму Роналдо. Тоа значи дека двајцата играчи кои се највиновни за елиминиациите на Јувентус од ЛШ во последните две сезони, во новата сезона ќе бидат токму нивни адути.
Јувентус веќе осум години е доминантен во Калчото, што е рекорд за еден тим во топ 5 лигите. Сепак, главната цел на Старата дама е освојување на пехарот во ЛШ, кој го посакуваат повеќе од две децении. Ако се погледне составот со којшто сега располага тренерот Маурицио Сари, може да се заклучи дека Јувентус дефинитивно ќе биде еден од главните фаворити за освојување на европскиот трон во новата сезона.