Јувентус може да биде шампион и без најмалку порази во Серија А

Јувентус може да ја освои титулата во Италија и истовремено да не биде тимот со најмалку порази во првенството по вчерашниот неуспех во Удине.

Илија Несторовски и Секо Фофана со по еден гол во второто полувреме направија комплетен пресврт за победа на Удинезе од 2:1 и ги урнаа надежите на лидерот дека ќе ја прослави титулата во Удине.

Ова е петти пораз на Јувентус во Серија А, нешто што не им се случило од 2013 година, кога на кормилото беше Антонио Конте, а црно-белите ја освоија шампионската круна со пет порази, но и со девет бода предност пред Наполи.

Моментно помалку порази има Интер, вкупно 4, и според распоредот, може да се случи Јувентус да биде старонов првак, а Интер да има помалку загубени натпревари.

Навивачите на Старата дама грмат по поразот од Удинезе, а бараат смена на Маурицио Сари, тренер што на грото симпатизери на шампионот не им е по вкус уште од самиот старт.

Со Сари на кормилото, Јувентус прими 38 гола на 35 меча во првенството, што е најмногу од сезоната 2009/10, кога билансот беше 47 примени погодоци и седмо место на табелата.

Се бара отказ за Сари, кој и според медиумите во Италија, е главен виновник што Јувентус веќе во Удине не ја крена 36-тата шампионска круна.

 

- Оглас -

Најнови вести