Во цел свет нема ваков случај: Јувентус на последните девет меча доби седум пенали

Јувентус има позитивен резултат 1:1 по првиот меч од полуфиналето во Купот против Милан и на реваншот пред своите навивачи ќе треба да си обезбеди место во финалето.Старата дама се спаси од пораз на гостувањето на „Сан Сиро“ во последната минута од мечот, кога Кристијано Роналдо погоди од пенал.

Токму ударот од белата точка донесе контроверзии бидејќи домаќините се жалеа дека е престрого досуден. Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, вели дека на почетокот на сезоната судиите јасно објасниле дека таквите ситуации нема да бидат судени како пенали, но синоќа беше досуден удар од 11 метри за Јувентус.

Во ситуација кога треба да изведе пенал, Роналдо е речиси непогрешлив, па синоќа донесе реми за неговиот тим. Досудениот пенал за Јувентус не е ништо необично. Италијанскиот првак како да е претплатен за удари од белата точка. Само во 2020 година, односно за помалку од еден и пол месец, Јувентус одигра девет средби, а му беа досудени седум пенали во негова корист. И сите седум удари беа реализирани во погодоци.

Низата која продолжи синоќа со пеналот на Роналдо започна на мечот против Калјари, кога во убедливата победа од 4:0, Роналдо еден гол даде од белата точка. Потоа следуваше гостување кај Рома, а Роналдо повторно беше успешен реализатор во триумфот од 2:1.

На дуелот од Купот против Удинезе беа досудени два пенали, а во отсуство на Роналдо, по еднаш погодија Дибала и Коста. Пенали за Јувентус немаше во победите против Парма (2:1) и Рома (3:1) во Купот, како и во поразот од Наполи со 1:2.

Пенал-шоуто за Јувентус продолжи на средбата против Фиорентина, кога Роналдо погоди два пенали во триумфот од 3:0. Удар од белата точка за Јувентус немаше во поразот од Верона на гости со 2:1, а синоќа Кристијано искористи уште еднаш шанса од белата точка.

Вкупно на девет натпревари кои Јувентус ги одигра во 2020 година досега, италијанскиот првак доби седум пенали и сите ги претвори во погодоци.

 

- Оглас -

Најнови вести