Јувентус нема да ја направи истата грешка како Реал Мадрид со долгогодишниот капитен Серхио Рамос, кој си замина по 16 години од шпанската метропола. Џорџо Кјелини по настапот во финалето на Европското првенство, каде што со својата Италија ќе се бори за пехарот против Англија, ќе биде награден од Старата дама.
Имено на 35-годишниот стопер му истече договорот со Бјанконерите пред десетина дена, но кога ќе се врати во Торино, го чека нов едногодишен договор, што значи дека и по 16 години, Кјелини ќе игра во црно-белиот дрес.
Враќањето на Макс Алегри на клупата беше гаранција дека ветеранот ќе остане во Јувентус, иако имаше неколку понуди од МЛС-лигата. Кјелини досега за Јуве запиша 535 настапи и освои вкупно 20 трофеи, од кои девет се титули во Серија А.