Јувентус сака да го врати Пол Погба од Манчестер јунајтед и операцијата има интересно име „Пог-бек“.
Бјанконерите се во контакт со неговиот менаџер Мино Рајола, а и фудбалерот не би имал ништо против да се врати во Јувентус, каде играше прекрасно од 2012 до 2016 и освои четири шампионски титули во Италија со Старата дама.
Погба во 2012 година не сакаше да потпише нов договор со Црвените ѓаволи од Манчестер, а ќари Јувентус кој го доведе францускиот репрезентативец бесплатно и по четири години му го врати на Манчестер јунајтед за баснословна сума од 105 милиони евра.
Актуелниот договор со англискиот гигант му важи до јуни годинава и Погба повторно може без отштета да си замине од Манчестер јунајтед.
„Сега повторно е пред крај на договорот со Манчестер јунајтед и сакаме да го вратиме кај нас. Срцето му е во Торино, и ние и тој го знае тоа и сега е вистинско време да го вратиме во Јувентус“, велат црно-белите од Торино.
Најголем проблем ќе биде желбата на Пари Сен Жермен да го ангажира францускиот репрезентативец, бидејќи парижани имаат богати газди од Катар и за нив парите не се проблем.
Може да одлучи и желбата на Погба, а тоа е голем адут на Јувентус во преговорите со него и со неговиот менаџер Мино Рајола.