Јувентус понуди 50 милиони евра за Роналд Араухо, но за Барса тоа е премалку за трансфер

Трансферните активности во летниот преоден рок стануваат сè поинтензивни, а главни актери во овој случај се два европски гиганти, Јувентус и Барселона.

Според шпанскиот весник „Спорт“, Јувентус понудил 50 милиони евра за еден од клучните играчи на Барселона, Роналд Араухо.

Барселона интензивно работи на ангажман на Нико Вилијамс, но за да го реализира трансферот без проблеми со финансиските регулативи, ќе мора да се ослободи од барем еден скап играч.

Информациите за можното заминување на Араухо од „Камп Ноу“ кружат веќе подолго време, а сега Јувентус се појавува како прв сериозен кандидат за негов ангажман. Италијанскиот клуб го гледа 26-годишниот Уругваец како идеално решение за проблемите во одбраната и е подготвен да го доведе по секоја цена.

Араухо е по природа централен дефанзивец, но може да игра и на позицијата десен бек, што му дава дополнителна вредност и тактичка флексибилност. Тоа е квалитет што Јувентус сака да го искористи во своите амбиции за враќање на врвот следната сезона.

Иако Барселона не е целосно против идејата да се раздели со Араухо, во клубот сметаат дека 50 милиони евра се недоволни. Според шпанските медиуми, Барса би прифатила понуда меѓу 65 и 70 милиони евра.

Минатата сезона Араухо имаше проблеми со повреди и одигра само 12 натпревари во Ла Лига, па клубот сериозно размислува дали да го продаде додека сè уште има висока пазарна вредност.

- Оглас -

Најнови вести