Јувентус е меѓу најдобрите осум екипи во Европа по синоќешната победа од 3-0 против Атлетико Мадрид. Тоа беше првпат во историјата на „старата дама“ да биде анулирана негатива од 0-2 во нокаут-фаза од ЛШ. Стадионот беше исполнет до последно место, а сигурно сите фанови уживаа во победата на домаќините, освен оние 1.690 навивачи на Атлетико Мадрид.
Навивачите дадоа одлична поддршка на својот омилен тим, но и му дадоа добра „финансиска инјекција“. Синоќа беше поставен клупски рекорд по заработените пари од продадените билети. Вкупно 5,5 милиони евра влегле во касата на Јувентус од продажба на билетите за дуелот со Атлетико.
Освен победата и пласманот во четвртфиналето и рекордната заработка од билетите, Јувентус може да се пофали и со зголемена вредност на акциите на клубот. Триумфот од 3-0 против Атлетико значеше и пораст на акциите на клубот за неверојатни 20 отсто. Пред почетокот на мечот, вредноста на една акција била 1,22 евра, а денеска наутро една акција се продавала за 1,58 евра, односно за 24 отсто поскапо од синоќа.
Пласманот во четвртфиналето на Јувентус ќе му донесе и дополнителна заработка најмалку од 10,5 милиони евра, пари кои ги дава Европската фудбалска федерација (УЕФА).