Раководството на Јувентус го зацрта 13 август како краен рок за да го финализира трансферот на Рандал Коло Муани, пишува „Газета дело Спорт“. Гигантот од Торино сака да има јасна слика околу иднината на Французинот пред одигрувањето на првата пријателска средба.
Во клубот владее оптимизам дека повторното ангажирање на напаѓачот може да се реализира откако тој остави силен впечаток за време на неговиот претходен шестмесечен престој на позајмица, кога постигна осум гола во 16 натпревари во Серија А.
Пари Сен Жермен, кој во 2023 година плати 75 милиони евра за неговиот трансфер од Ајнтрахт Франкфурт, сега бара 50 милиони евра за да се раздели со 26-годишниот напаѓач.
Јувентус, пак, се обидува да ја спушти цената преку нова понуда за позајмица со задолжителен откуп под одредени услови, 10 милиони евра за сезоната 2025/26 и дополнителни 35 милиони евра како дел од клаузулата за комплетен трансфер следното лето.