Јувентус сака да го задржи Мората на позајмица за петпати помалку пари

Јувентус нема да плати 45 милиони евра за да го задржи Алваро Мората со перманентен договор и бара начин да ја продолжи позајмицата на шпицот кој сè уште е член на Атлетико Мадрид.

Старата дама ќе се обиде да се договори со раководството на лидерот во шпанската Ла Лига и во тој случај Мората би останал во Торино уште една сезона за сума од околу 9 милиони евра.

Таа варијанта е многу поисплатлива според пресметката на челниците на Јувентус, а Мората би продолжил да игра за „црно-белите“ од Торино, повторно како позајмен играч од Атлетико Мадрид.

Шпанскиот репрезентативец беше член на Јувентус и во периодот од 2014 до 2016 година, кога пристигна во редовите на најтрофејната италијанска екипа од Реал Мадрид. Блескаше и ги одигра веројатно и најдобрите години во кариерата, а потоа пак се врати кај Кралскиот клуб од Мадрид.

Во 2017 година потпиша за Челзи, една сезона играше како позајмен фудбалер во Атлетико Мадрид и во 2019година и потпиша перманентен договор со Јорганџиите за сума од 60 милиони евра.

Во Јувентус се врати лани во септември и на 28 натпревари постигна 13 гола, но Старата дама, сепак, нема да ја плати сумата од 45 милиони евра предвидена како отштетна клаузула во договорот на Мората со Атлетико Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести