Јувентус сака одмазда против Лацио и го чека пехарот во Суперкупот

Пред само една недела Лацио покажа дека Јувентус и оваа сезона не е непобедлив. Римскиот калчолигаш ја победи Старата дама со 3:1 во меч од првенството, а сега, неполни 10 дена по тој дуел, повторно на мегдан ќе бидат овие два клуба.

Овојпат влогот е многу поголем. Јувентус и Лацио ќе играат во Суперкупот на Италија и тоа на неутрален терен во Ријад, Саудиска Арабија. Ова ќе биде меч и на двата последни освојувачи на овој трофеј. Јуве е актуелен бранител, а римјаните се радуваа во 2017 година.

Еден од најискусните играчи на Старата дама, Леонардо Бонучи вели дека Јувентус мора да одигра на највисоко ниво ако сака да победи.
„Мечот сигурно ќе биде многу тежок и неизвесен. Свесни сме дека Лацио се наоѓа во одлична форма, но ние имаме самодовервба и веруваме во нашиот квалитет. Во последниот меч на Лацио му дозволивме да создаде многу шанси. Едноставно мора да бидеме перфектни за да ги победиме“, вели Бонучи.

Лацио има осум победи по ред во Серија А и е на само три бода од Јувентус и Интер во првенството. Тренерот на Небесносините, Симоне Инѕаги е со речиси иста филозофија како Бонучи.

„Ќе играме против тим кој има голем квалитет и капацитет за многу големи дострели. На моите играчи им посочувам дека мора да останеме да бидеме фокусирани во текот на целиот меч. Ова ќе биде посебен меч, не како тие во Серија А. Еден потег, една грешка или деконцентрација може да значи освојување или губење на трофејот, Посебно мора да внимаваме на Кристијано Роналдо. Тој е вистински шампион и во еден момент може да го сврти мечот“, вели Инѕаги.

На последните шест меѓусебни средби, двата тима имаат по три победи, но кога ќе се видат последните 13 средби, Јувентус има 10 победи. Нерешено последен пат било во мај 2015 година, а интересно е дека натпревар без погодоци последен пат имало во ноември 2012 година.

 

- Оглас -

Најнови вести