Јувентус со шампионски потег: Старата дама не сака титула на „зелена маса“

Јувентус е клубот кој направи неверојатна доминација во италијанската Серија А. Гигантот од Торино последните осум години се радува на шампионската титула во првенството, а целта за оваа сезона беше да се стигне и до рекордниот девети трофеј во низа.

Сепак, поради пандемијата со Коронавирусот, многу е неизвесно дали шампионатот ќе продолжи и каква ќе биде иднината на оваа сезона во Серија А. Фудбалот во Италија застана по 26 одиграни кола во елитната лига, а ситуацијата на табелата покажува дека Јувентус е прв.

Старата дама има 63 бодови, еден повеќе од второпласираниот Лацио, а Интер, кој е на третото место, е со 54 бодови и меч помалку. Тоа е и тројката која сезонава е во трка за титулата. Доколку не се смири ситуацијата со Коронавирусот и не се продолжи шампионатот во Серија А, една од опциите е и да биде прогласен првак според моменталната табела.

Сепак, од Јувентус јасно сугерирале дека не се за таква опција и дека тие не сакаат на „зелена маса“ да го добијат трофејот, туку на фудбалскиот терен да се види дали и оваа сезона се најдобри. Ова го потврди и претседателот на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина.

Првиот човек на италијанскиот фудбал потенцираше и тој нема да ризикува да ја уништи следната сезона за да ја спаси оваа. Засега уште нема официјално кога и дали ќе продолжат возбудувањата од оваа сезона во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести