Јувентус убедливо со 3:0 го победи Комо во последниот меч од првото коло во Серија А, а за Тијаго Мота ова беше прв меч како тренер на клупата на Старата дама. Првичните реакции за играта на Јувентус се позитивни и според многумина, Старата дама сега игра напаѓачки, а Комо може да е среќен што на крајот прими само три гола.
Тоа што беше впечатливо од првото коло е дека Мота ќе дава шанса на млади фудбалери. Стартниот состав на Јувентус е најмлад со којшто излегол гигантот од Торино во последните 30 години, во меч од прво коло.
Дека Мота смета на младите сили, покажа и со давањето шанса на 20-годишниот Самуел Мбанглула, кој максимално ја искористи и само по 23 минути на дебито за Јувентус постигна и гол. Мбанглула е младински репрезентативец на Белгија кој беше во младинската школа на Јувентус, а летово Мота реши да го прекомандува во првиот тим и веднаш му даде шанса да заигра, што се покажа како правилен потег. Освен Мбанглула, од младинскиот погон кај сениорите беше прекомандуван и Николо Савона, кој во второто полувреме доби шанса да дебитира.
Јувентус уште го нема создадено конечниот состав за новата сезона. По победата против Комо, беше потврдено дека стоперот Калулу од Милан ќе се пресели во Торино, а до крајот на преодниот рок се очекува дресот на Јувентус да го облечат и Компајнер од Аталанта (се чека трансфер вреден 60 милиони евра), како и Ник Гонзалес од Фиорентина, кој треба да пристигне за трансфер од 40 милиони евра.