Бразил не ја испушти меч-топката на квалификацискиот турнир за настап на Летните олимписки игри во Токио, ја победи Аргентина со 3:0, па Јужна Америка ќе настапи на фудбалскиот турнир со најсилната формација.
Аргентинците беа пласирани и пред почетокот на последното коло, па одиграа рутински и лесно загубија од големиот ривал.
Паулињо во 13-тата минута прв ја затресе мрежата на Аргентина, а на полувремето Бразил водеше со 2:0 со уште еден погодок што го постигна Куња во 30-тата минута.
Во вториот дел Кариоките со уште еден прецизен удар на Куња во 55-тата минута рано ги разрешија сите дилеми околу вториот патник на ЛОИ во Токио.
Уругвај остана краток за еден бод во битката со Бразил за втората позиција, а Колумбија е последна на завршниот квалификациски турнир во Јужна Америка за олимписки селекции.