Мики секогаш е таму каде што игра Македонија – Хуманитарен тикет од навивачот кој е заштитен знак во нашиот спорт

Македонската ракометна репрезентација вчера ја стартуваше новата приказна за уште едно големо натпреварување, Европското првенство во Унгарија и Словачка. Новото поглавје за македонскиот спорт е и ново поглавје за еден од најверните навивачи во македонскиот спорт, Мирослав Попоски.

Популарниот Мики повеќе од 20 години е дел од најголемите спортски настани за македонскиот спорт, без разлика дали тоа се работи за ракомет, фудбал, кошарка… Каде што има голем спортски настан важен за Македонија, таму е и Мики. Така е и сега во Дебрецин. Мики вчера беше во салата „Феникс“ и навиваше за Македонија против Словенија. Иако загубивме, оптимизмот е присутен, а Мики, кој верува дека ќе ја победиме Црна Гора во второто коло, се согласи да состави и хуманитарен тикет на Sport Life.

„Загубивме од Словенија, но одигравме добро. Момците храбро влегоа во мечот и покажаа дека имаат сили за успех. Против Црна Гора победуваме сигурно, и тоа „кец у кец“ со обложувачки речник. Во Дебрецин е навистина зима, ладно е, но тоа воопшто не беше проблем сите македонски навивачи да направат одлична атмосфера вчера, а верувам дека така ќе биде и утре против Црна Гора“, вели секогаш оптимистички расположениот Мики.

ОД НАЈМАЛИ НОЗЕ СЕ „ИНФИЦИРАЛ“ СО СПОРТОТ

Попоски уште како дете го засакал спортот. Дедо му и татко му биле спортски души, па едноставно логично било и Мики да се „инфицира“ со љубовта кон спортот.

„Ние сме спортска фамилија. Од дедо ми, кој беше голем навивач на Црвена ѕвезда, преку татко ми, кој беше и претседател на ФК Гостивар, па и јас кој во младоста тренирав повеќе спортови, а во пинг-понг стигнав до трето место во Македонија. Постојано бев опколен со спортот и нормално беше тој да стане составен дел од мојот живот“, вели Мики, кој во младоста пред повеќе од 30 години бил и еден од основачите на навивачката група „Гемиџии“ во Гостивар.

Освен во Гостивар, Попоски уште пред две и пол децении постојано ги следел најважните спортски настани во Македонија, без разлика дали тоа било дуелот на МЗТ Скопје против Реал Мадрид, шампионските денови на Кометал Ѓорче Петров или некој друг голем настан.

ГОЛЕМ КОЛЕКЦИОНЕР НА НАВИВАЧКИ РЕКВИЗИТИ, НЕ БИЛО ПРОБЛЕМ ДА СЕ ПАТУВА И ВО ГЕПЕК

Како навивач е колекционер на карти од мечеви на коишто бил, а има и над 1.000 различни реквизити, но и голем број пива кои ги има собрано од целиот свет.

„Сакам да собирам сувенири од местата во кои ќе одам, но и да ги чувам билетите како спомен за мечот на кошто сум бил. Сум гледал многу мечеви во сите спортови, а секако посебно значајни се големите ракометни натпреварувања кои ни ги овозможи ракометната репрезентација благодарение на константно добрата игра, па повеќе од една деценија сме дел од најголемите натпреварувања“, вели Мирослав, кој додаде дека има голем број анегдоти и интересни моменти од сите натпреварувања.

„На Светското првенство во Хрватска во 2009 година заминавме со џип, а еден од другарите патот го помина седејќи во делот наменет за багажот. Секогаш било весело. Низ големиот број патувања запознав и многу пријатели како од Македонија така и во земјите во коишто сме патувале. Едноставн, секое патување е уникатно, посебна приказна за себе“, раскажува Мики.

ОД ОПЕРАЦИЈА, ПРАВЕЦ НА СВЕТСКО, ПА УШТЕ И КРСТОТ УСПЕАЛ ДА ГО ФАТИ

Голема била неизвесноста Мики дали ќе оди на Светското ракометно првенство во Мец, но не само што беше дел од Мундијалот, туку има посебно убави спомени.

„Пред крајот на 2016 година имав една сериозна, животнозагрозувачка операција, која, за среќа, помина во најдобар ред. Ми требаше време да закрепнам, но јас и покрај тоа, решив да патувам во Мец на Светското првенство. Не само што бев таму, туку успеав во градот да најдам православна црква, потоа руски поп и ги собрав сите навивачи заедно со ракометарите да бидат дел од празникот Богојавление Водици. Крстот што го фрли попот, успеав јас да го фатам. Исто и во Катар во 2015 година го фрлавме крстот за Водици, а тогаш крстот го фати Дарко. Потоа, таа 2017 година навистина ми беше среќна“, се сеќава Попоски.

ВО НИШ БЕВМЕ КАКО ДОМА, ГЕРМАНЦИТЕ ДРЖАТ ВОЈНИЧКИ РЕД

Од сите патувања, Мики се сеќава дека Македонија најголемата поддршка ја доби на ЕП во 2012 година во Ниш и Белград, кога игравме како на домашен терен. Во Катар биле зачудени колку Македонци има во тој дел од светот, а едноставно секаде каде што гостувале, имало и наши луѓе.

Од сите ракометни првенства, само во Германија во 2019 година македонските навивачи не успеале да се екипираат на една трибина и заедно да навиваат. Како што вели Мики: „Германци се тоа, држат стриктно до протокол. Немаше мрдање, кој каде што има карта, таму ќе седи“.

Мики бил дел и од Европските кошаркарски првенства, а присуствувал и на Европското младинско првенство во Полска во 2017 година.

НА ЕП ВО БУКУРЕШТ ГО ОДНЕЛ И 16-ГОДИШНИОТ СИН

Секако, не го пропушти и Европското сениорско фудбалско првенство од минатото лето кога прославата  беше во Букурешт.

„ЕП во фудбал во Букурешт беше посебно. Македонските навивачи уште еднаш покажаа дека се најдобри. Едноставно, каде и да одиме, секогаш создаваме одлична атмосфера. Никогаш немаме направено никаков инцидент и едноставно сите сакаат гости какви што се македонските навивачи“, потенцира Мики, кој во Букурешт го однел и син му Стефан, кој има 16 години, а полека и малата ќерка Нина (5 години) ја „заразува“ со убавината на спортот.

Освен на дуели на македонски селекции, Мики гледал и голем број светски настани. Навива, секако, прво за Вардар, а симпатизер е на Црвена ѕвезда и за Барселона, поради син му Стефан.

Во една прилика кога бил во Украина кај пријател, Мики следел меч меѓу Шахтар и Барселона, па дури имал можност да се фотографира со Лионел Меси, но, за жал, таа фотографија останал во телефонот кој подоцна му се скришил.

Мики има да раскажува многу испишани навивачки моменти, но сега е фокусиран на создавање нова приказна наречена „Дебрецин 2022“. На хуманитарниот тикет прва на чело е ракометната репрезентација на Македонија и победа над Црна Гора.

Ова е еден од најбогатите тикети кои досега ги има составено некој од учесниците во хуманитарната акција.

- Оглас -

Најнови вести