Светското ракометно првенство во Хрватска, Данска и Норвешка сè уште е во тек, а нашата репрезентација своите натпревари ги игра во Вараждин. Помеѓу големиот број навивачи на трибините и еден од најпрепознатливите ликови кога игра Македонија каде било и во кој било спорт, Горан Кипријановски, или како што сите го знаат Кипре. Сигурно еден од најголемите македонски спортски амбасадори не само што ја бодреше Македонија, туку имаше и специјална средба со селекторот на фудбалската репрезентација на Хрватска, Златко Далиќ, и да му подари сувенири кои засекогаш ќе го потсетуваат на оваа нивна средба, но и на Македонија.
„Ракометна Македонија и оваа година го продолжи своето учество на големите ракометни првенства. На Светското првенство во ракомет за мажи, кое се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка, Македонија продолжува да ја испишува историјата на ракометниот спорт не само како учесник туку и како одличен противник на најдобрите европски и светски ракометни национални тимови, забележувајќи добри резултати. Секако дека и ова учество на Светско првенство предизвика интерес кај многумина македонски навивачи, кои дојдоа од Македонија и од други земји, да ѝ дадат поддршка на македонската ракометна репрезентација. Секако дека меѓу многутемина навивачи бев и јас присутен на првите три натпревари кои ги играше македонската репрезентација, а поради други обврски понатаму не бев во можност да присуствувам на натпреварите од втората фаза. Сепак, чувството да се биде макар и дел од ова светско првенство е убаво, а верувам дека и другите кои дојдоа се чуствуваа убаво. Со многумина навивачи можевме да се потсетиме и на 2009 година, кога токму во Вараждин се играа дел од натпреварите на тоа светско првенство и да евоцираме убави спомени. Покрај ракометните натпревари, во слободното време помеѓу натпреварите имавме можност и време да прошетаме по околните места и градови, да запознаеме нови луѓе и туристички места, а секако и да пробаме локална храна. Ја имав и таа можност да се сретнам со актуелниот селектор на хрватската фудбалска репрезентација, господин Златко Далиќ, во неговиот ресторан „Фемили“ во Вараждин и да му подарам македонско вино, разни сувенири од Македонија, шал и книги од автобиографиите на нашите спортски легенди Дарко Панчев и Кире Лазаров. Господин Далиќ беше воодушевен за гестот и се заблагодари од срце, а за мојот гест од негова страна добив неколку подароци, меѓу кои и ликер од негово производство, кој е и заштитен бренд“, вели популарниот Кипре.
Атмосферата на трибините кога играше Македонија, барем во првиот круг, беше фантастична. Околу 2.000 македонски навивачи се најдоа на трибините, но црна дамка фрли однесувањето на организаторот на Светското првенство и забраната за внесување и истакнување на македонското национално знаме со шеснаесетзрачното сонце од Кутлеш.
„На трибините атмосферата беше прекрасна. Црвено-жолтата боја беше насекаде во салата кога играше Македонија, емоциите и чуствата беа измешани, подршката од навивачите беше максимална, од срце и душа. Покажавме дека ја имаме најдобрата публика во светот. Тоа го знаеа и ракометарите и затоа уште еднаш покажаа дека играат до крај и гинат на терен. И во победи и во порази заедно сме со спортистите и сите ја имаат нашата поддршка каде и да се. Се случија и некои немили настани и сцени кои навистина не нѐ оставија рамнодушни како луѓе или публика. Дел од првенството беше лошо организирано, а посебно кога при влез во салата на македонски навивачи и привремено одземање на знамиња, на излез од салата тие ги немаше и тоа предизвика најголем револт бидејќи прво од страна на навивачите беше испочитувана одлуката да ги остават знамињата, а по натпреварите и излегувањето од салата да ги земат, но на излез од салата обезбедувањето само креваше раменици, што резултираа и блиски средби на одредени моменти со луѓето од обезбедувањето во салата, кои пак на моменти ги преминуваа одредени постапки при вакви случаи. Како долевање масло на огнот беа и неколку погрешни одлуки на судиите на мечот со Холандија, што предизвика дел од публиката да фрла со разни предмети и парички, што резултираше со порано повлекување на холандската репрезентација на чинот на прогласување на играч на натпреварот. Сепак, сметам дека емоциите треба да се остават на страна и треба културно да се реагира бидејќи секоја навреда, фрлање предмети и слично водат кон разни казни и други несакани работи, а сепак поради мал број на несовесни навивачи, сите не ставаат во исти кош и во иднина имаме последици и лош третман на натпреварите. Сепак, и ние сме еден вид спортски амбасадори на Македонија, треба да бидеме културни, достоинствени и максимално да ги бодриме нашите спортисти, а резултатите ќе си дојдат“, додава Кипре.
Мисијата на Кипре во Вараждин заврши, но тој сега се подготвува за следните предизвици, а како што вели, тоа најверојатно ќе бидат натпреварите на фудбалската репрезентација во март.
„Наредни натпревари за посета најверојатно ќе ги продолжиме со фудбалот бидејќи во март почнуваат фудбалските возбудувања со македонската фудбалска репрезентација, па ете нова можност за уживање во фудбалската игра и, секако, промоција на нашата Македонија. Секако дека не ги забораваме и натпреварите од домашните првенства во фудбал, ракомет, одбојка, кошарка, итн. Во рамките на времето и можноста ќе бидам присутен на натпреварите и ќе им дадам максимална поддршка на нашите спортисти“, го завршуваме разговорот со Кипре.
Еден од најпознатите македонски навивачи, Горан Кипријановски, на крајот од нашата средба состави тикет во Sport Life, кој доколку биде добитен добитен, средствата ќе бидат донирани во хуманитарни цели.
„Доколку Хуманитарниот тикет биде добитен, износот од добивка ќе го донираме во Центарот за лица со церебрална парализа“, вели Кипријановски.
Во продолжение хуманитарниот тикет кој го состави Кипре.