Бојан Трајковски и Војдан Стојановски не се појавија на церемонијата на прогласување на најдобрите во македонската кошарка за 2018 година, па во нивно име признанијата ги примија браќата. Трајковски и Стојановски играат во странство, па беа отсутни поради клупски обврски. Најдобра кошаркарка е Анџелика Митрашиновиќ, која исто така не беше присутна на церемонијата.
Награда доби и најуспешната репрезентација годинава, селекцијата за играчи до 16 години, која се пласираше во Дивизија А. Кадетите, кои се иднината на макбаскетот, го добија и најголемиот аплауз од присутните.
Кошаркарските работници неодамна ги дадоа своите гласови за најдобрите во спортот со портокаловата топка за 2018 година, а признанијата беа доделени вечерва.
Немаше дилеми дека најдобра машка екипа е првакот Работнички, а најдобра женска екипа е Бадел 1862. Марин Докузовски е тренер на годината кај мажите, а Срѓан Дамњановски е најтренер во женски клуб.
„Задоволство ми е што наградата ја примив од мојот учител Александар Књазев. Нашата работа е малку неблагодарна, по пораз, тренерот е виновен, а кога победувате, заслугата е кај играчите. Јас сум само една алка од успехот на Работнички, заслуга имаат и играчите, градоначалникот на Центар, моето семејство“, изјави трофејниот Докузовски.
Најдобра машка екипа во младинските лиги е Работнички, а Струга кај младинките. Признание има и за кадетската репрезентација како најдобра млада репрезентативна екипа. Се доделија награди и за најдобри тренери во младинска категорија.
Најдобар млад кошаркар е Виктор Ефремовски, а кај девојките е Илина Селцова. Најдобар судија за 2018 година е Игор Митровски, за кого ова е трета ваква награда.