Победата над Босна и Херцеговина од 76-64 за македонската селекција за кошаркари до 16 години значи дека е обезбеден опстанок во елитното друштво, па и во следната година „црвено-жолтите“ ќе учествуваат на главното Европско првенство за кадети. Откако постои поделбата на А и Б дивизија во ФИБА Европа, Македонија никогаш немаше играно Дивизија А две години по ред во иста возрасна категорија.
Попладнево на ЕП во Удине избраниците на селекторот Денис Дервишевиќ ја совладаа БиХ благодарение на одличната трета четвртина која ја добија со 30-14. Двоцифрената предноста која беше создадена во тој период се покажа како доволна за победа и разигрување за 9-12 место во Европа, што е најдобар пласман во последните 15-тина години во која било од младинските категории. Андреј Митревски го одигра целиот меч и со 25 поени и по пет скока и асистенции беше најрасположен.
Следен противник на нашите кадети е Словенија, со која ќе играме в петок вечерта. Победа во тој меч ќе значи деветто или десетто место на ЕП, а пораз ни носи 11-то или 12-то место, во зависност од резултатот на последниот меч.