По освојувањето на првото место на кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 18 години на Европското првенство – „Б“ дивизија во Скопје, кошаркарското лето во нашиот главен град продолжува уште со едно такво натпреварување, но овојпат за кошаркари до 16 години.
Младинците настапот го завршија со осум победи на осум натпревари, а со победа, и тоа убедлива, започнаа и кадетите до 16 години. На отворањето на првенството во Скопје, Македонија ја декласира Украина со 96-68.
Нашите млади кошаркари уште од стартот наметнаа ритам, кој не го испуштија до крајот на мечот. Имаа водство речиси во текот на целиот меч, освен на почетокот, кога Украинците имаа водство од 2-0 и 4-3 и тоа беше сè од нив на овој натпревар.
Најефикасен на мечот беше Ѓорѓи Цветковски со 22 поени. Со двоцифрен ефект завршија и Дамјан Данев (14), Жарко Терзиевски (11), Дамјан Стојановски (10) и Љубен Ефтимовски (10).
Освен Македонија и Украина, во групата „Д“ на првенството во Скопје се и Австрија, Естонија и Шведска, а токму Скандинавците се нашиот следен противник, во сабота со почеток во 18:30 часот.