Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија го доживеа четвртиот пораз во низа откако вечерва загуби од Летонија со 46-57. Натпреварот од разигрувањето за пласман од деветтото до 16-тото место беше можеби најважниот на Европското првенство за кошаркари до 16 години кои се одржува во Скопје со оглед на тоа дека победата ќе значеше обезбеден опстанок.
Дуелот против Летонија го отворивме катастрофално и веќе по првиот период имавме негатива од седум поени, односно 17-10. Сепак, во вториот период одигравме многу подобро и се вративме во резултатска рамноправност откако на полувремето заминавме со негатива само од еден поен, односно 28-29.
Во второто полувреме продолжи лошата игра на нашата репрезентација и Летонија со 20-12 во третиот период се одлепи на +9.
Последната четвртина е приказна сама за себе. Катастрофална игра на двете екипи и само 14 поени, односно 8-6 за Летонија. Сепак развојот на настаните е поразителен. Македонија го отвори периодот со серија од 6-0, а цели осум минути, односно до крајот на мечот не успеавме да реализираме, додека на спротивната страна Летонија постигна осум поени за победа со конечен резултат од 46-57.
На нашите кадети сега им останува да победат на последните два натпревари и да се изборат за опстанок на Европското првенство бидејќи пораз ќе значи испаѓање во Б дивизијата.