Бразил својата последна од петте титули светски првак ја освои во 2002 година, во моментон Кариоките се во потрага по нови лидери за младите играчи кои допрва треба да почнат да се истакнуваат, а легендата Кафу има сомнеж за иднината на националниот тим.
Поранешниот бразилски репрезентативец, кој освои две Светски првенства, во 1994 и 2002 година, а беше вицешампион во 1998, го критикува изборот на некои од неговите сонародници да одат во англиската Премиер лига како дестинација за развој на нивните кариери.
„Се плашам дека колку повеќе Бразилци се преселуваат во Премиер лигата, толку помали се шансите Бразил да го освои Светското првенство. Замислете да ви го перат мозокот од медиумите секоја недела дека сте најдобри на светот, а во меѓувреме не сте ни блиску до тоа“, рече Кафу кој многумина го сметаат за најдобриот десен бек во историјата.
Кафу играше во Серија А во Италија за Рома и Милан, а ја пофали и шпанската лига. „Ја преферирам Ла Лига затоа што има менталитет да стигне до финалето и да го освои. Во Ла Лига не кажуваат лаги за шпанските играчи. Таму зборуваат за фудбал, а не за мит“, објасни тој.
Во сезоната 2023/2024, бразилските играчи беа меѓу најбројните во Премиер лигата, ги имаше 30, а во шпанската Ла Лига имаше 16 Бразилци.