19.8 C
Skopje
среда, 17 септември 2025

Каират го имаше најдолгото патување во историјата на ЛШ, сето тоа за да загуби?

Првакот на Казахстан, Каират од Алмати, утре ќе го има своето деби во Лигата на шампионите, на гостински терен против Спортинг Лисабон, а пристигнувањето на Казахстанците во Лисабон го собори рекордот за најдолго патување во историјата на 71-годишното постоење на европското елитно натпреварување наречено Куп на европски шампиони, подоцна Лига на шампиони.

Тимот на Каират прелета 7.200 километри со авион низ шест временски зони. Никој не поминал толку долго растојание во еден правец за да стигне на место на кое треба да гостува.

Претходниот рекорд го држеа Бенфика и Астана во 2015 година. Двата клуба патуваа приближно 6.164 километри во еден правец за да играат натпревари од Лигата на шампионите. Рутата беше исто така Лисабон – Казахстан.

Каират ќе помине вкупно 44.982 километри на четири гостувања против Арсенал, Интер, Копенхаген и Спортинг. На пример: возењето со автомобил од Алмати до Лисабон би траело над 93 часа. 

Казахстанските шампиони го остварија својот историски успех елиминирајќи го Селтик во плејофот. Стануваа најисточниот тим во историјата на ЛШ. Градот Алмати се наоѓа во близина на границите со Киргистан и Кина, источно од целиот Иран и Авганистан и поголемиот дел од Пакистан, и е приближно на иста линија со централна Индија.

Најблискиот натпревар на гости во Лигата на шампионите би бил во Истанбул, кој е оддалечен малку помалку од четири илјади километри. За споредба, од Алмати до Пекинг е „само“ 3.200 километри, што значи дека главниот град на Кина е над 700 километри поблиску до Алмати отколку најблиската европска фудбалска дестинација.

Казахстан беше дел од Азиската фудбалска конфедерација до 2002 година, а потоа се пресели во УЕФА, а тоа му беше дозволено бидејќи делумно (малку повеќе од 10 проценти) географски припаѓа на Европа. 

Каират е аутсајдер на дуелот со Спортинг, но сигурно не патуваа толку долго за да излезат на терен со бело знаме. Штом го елиминираа Селтик, не се за потценување.

- Оглас -

Најнови вести