Кај мажите ист Ф4 како лани, одбојкарските Куп сензации се кај жените

Екипите на Штип УГД, Борец, Струмица 47&72 и Работнички 71&22 ќе играат на машкиот Фајнал-фор турнир во Купот на Македонија.

Пласман на финалниот турнир од Купот на ОФМ 2026 година обезбедија истите четири екипи кои и минатата година се бореа за трофејот во ова натпреварување, а бранител на титулата е Штип УГД.

Двократниот освојувач на Купот, Штип УГД до Ф4 билетот дојде со победата над Лирија од 3:0 (25:13, 25:10, 25:9) во четвртфиналното соочување пред штипската публика.

Работнички 71&22 беше последниот кој го потврди своето место на завршницата откако славеше над Универзитет во Тетово исто така во три сета (25:21, 25:22, 25:23).

Ден порано Струмица 47&72 и Борец обезбедија пласман на Ф4. Струмичани ја совладаа Шкендија со 3:0 (25:20, 25 :21, 25:14), додека Борец со 3:0 (25:16, 25:14, 25:19) го совлада Сушево.

Полуфиналните двојки ќе ги одлучи ждрепката која најверојатно ќе се одржи следната недела, додека финалниот турнир се планира за крајот на март.

Кај дамите, Младост УГД и Вардар ЕМ премиерно ќе бидат дел од полуфиналето во Купот откако двата тима испишаа клупска историја во четвртфиналната фаза.

Одбојкарките на Вардар ЕМ го приредија првото големо изненадување откако во првиот четвртфинален меч со 3:0 (25:23, 25:20, 27:25) го елиминираа ланскиот полуфиналист и повеќекратен освојувач на куп-пехарот, Работнички Скопје. Вардарки претходно во осминафиналната рунда му „земаа мерка“ на уште еден градски ривал и лански учесник на Ф4, Фит Фан Волеј.

Вардар ЕМ во пролетниот дел од сезоната игра во нагорна линија како во првенството, така и во Купот и дефинитивно ќе биде убаво освежување на финалниот турнир.

Младост УГД од Штип, пред својата публика го букираше билет со четвртфинална победа од 3:1 (25:22, 23:25, 25:23, 25:19) над ланскиот финалист Јанта Волеј КВ. Штипскиот состав потврди дека е во одличен ритам, па откако во првенството му го зададе првиот удар на лидерот, сега во Купот елиминираше еден од фаворитите.

На финалниот турнир од Купот ќе игра и бранителот на титулата, Наковски Волеј, кој со 3:0 (25:14, 25:17, 25:17) го совлада тимот на Струмица жени.

Последниот учесник на завршницата од Купот на ОФМ 2026 кај девојките ќе биде познат на 11-ти март кога ќе играат Газели Волеј и Пелистер Волеј.

- Оглас -

Најнови вести